Шкупи ќе го ангажира и Ефремов на голманската позиција

Андреја Ефремов ќе биде најновото засилување на голманската позиција на тимот на Шкупи. Досегашниот чувар на мрежата на Скопје по испаѓањето на тимот од Автокоманда во Втората лига, си заминува, и „преку брдото“ се сели на Чаир, каде што ќе биде во конкуренција за „единицата“ на поранешниот првак.

Ефремов во кариерата настапуваше во многу клубови во Македонија, меѓу кои Металург, Работнички, Ренова, Силекс и Борец. Од велешкиот тим во 2021 година дојде во Скопје. Има и интернационална кариера настапувајќи во Португалија (Фамиликао), Бугарија (Локомотив Софија) и Албанија (Влазнија).

Ефремов би требало да ја зголеми конкуренцијата на голманската позиција кај „гулабите“. Претходно овој тим го ангажираше и Христијан Денковски од Брегалница, а тука се и Артан Илјази и Стефан Митрев. Шкупи идната сезона ќе има нов голман по заминувањето на Кристијан Наумовски.

Претходно во комбинација за голот на Шкупи беше и Ристе Јанков, но тој обид за трансфер на некогашниот репрезентативец на Чаир пропадна.

Се вчитува...