Шкупи е единствената македонска екипа од оние во новата УЕФА Конференциска лига која, се чини, ја носи фаворитската улога во пресметката со косовски Лапи денеска на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
За чаирчани Лапи е одлична можност по цели 22 години повторно да дојдат до европска победа. Последниот триумф за чаирчани во Европа беше во 1999 година кога, тогаш како Слога Југомагнат, стигнаа до триумф на домашен терен од 1-0 против азербејџански Капаз во квалификациите за ЛШ. Предводени од Ѓоре Јовановски тогаш се пласираа во следната фаза каде беа елиминирани од дански Брондби.
Сега, сите даваат предност за составот на Гоце Седлоски, иако е јасно дека воопшто нема да биде наивен двомеч…
„Иако сите мислат дека ќе биде лесно, се работи за една добра екипа која оваа година преку Купот дојде да игра во Европа. Но, мислам дека моите момци ќе го дадат максимумот. Мечот во Скопје ќе биде прво полувреме, па мора да бидеме претпазливи. Немаме проблеми со тимот и ќе го дадеме максимумот за реваншот кој ни следува за седум дена. Се надевам дека новите играчи ќе бидат добри засилувања и ќе ги заменат сите кои си заминаа. Сите ги примија добро новите играчи и со една колективна игра ќе дојдеме до посакуваната цел“ – вели Седлоски.
Натпреварот меѓу Шкупи и Лапи се игра денеска на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје со почеток во 20 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА