Шкупи по сензација против Динамо Загреб

Фудбалскиот шампион на Македонија, Шкупи вечерва ќе му гостува на хрватскиот великан Динамо Загреб во првиот натпревар од 2. коло во квалификациите во фудбалската Лига на шампиони. Чаирчани ќе имаат за задача да обезбедат позитивен резултат пред реваншот во Скопје против тимот кој што е редовен во европските натпреварувања, а во своите редови ги има и македонските репрезентативци Стефан Ристовски и Аријан Адеми.

Стратегот на чаирчани, Гоце Седлоски, на прес-конференцијата пред мечот потенцираше дека Динамо ќе биде сериозен противник, но Шкупи нема однапред да се предаде.

„Со Динамо имам многу спомени како екс-фудбалер на овој тим. Сепак, денес сум на страната на Шкупи и јас велам нема да се откажеме така лесно. Колку што успеав да видам, Динамо игра отворен фудбал, затоа треба да бидеме внимателни, ќе дадеме се од себе во текот на целиот натпревар за да постигнеме позитивен резултат“, заклучи Седлоски.

Натпреварот меѓу Динамо Загреб и Шкупи кој вечерва ќе се игра на „Максимир“ во главниот град на Хрватска е закажан со почеток во 21 часот.

Се вчитува...