Фудбалерите на Шкупи со пораз од 0-2 ќе патуваат за седум дена во Софија на реваншот против Левски во 2. квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига. Левски вечерва во Скопје беше подобар противник на теренот триумфирајќи со 0-2, па веќе е со една нога во следната рунда натпревари.
На дуелот кој се одигра на арената „Тодор Проески“ во Скопје, двете екипи одиграа главно израмнет натпревар, но гостинските играчи успеаја максимално да ги искористат своите шанси, најпрво преку Велтон Фелипе во 31. минута за водство од 0-1 а потоа и преку Роналдо во четвртата минута од судиското продолжение.
Во првите 45 минути Шкупи имаше извонредна можност да поведе на дуелот, но Дуду не погоди празна мрежа по грешката на гостинскиот голман. Во продолжението казнија гостите од Софија со погодокот Велтон Фелипе во 31. минута за предност од 0-1.
Во второто полувреме Шкупи поактивно се обиде да дојде до израмнување, но останаа нереализирани шансите на Куевен и Трапановски, па на крај следеше казната.
Кога се чинеше дека дуелот ќе заврши со минимални 0-1, во 94. минута Роналдо погоди за конечни 0-2.
За чаирчани сега останува реваншот за седум дена во Софија во обидот за евентуално изненадување на Левски и пласман во следната рунда натпревари од УЕФА Конференциската лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА