Шкупи не успеа да приреди изненадување и да се пласира во следната рунда натпревари на европската сцена доживувајќи и втор пораз од Левски, сега со 1-0 во Софија на реванш дуелот од 2. квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига. Чаирчани одиграа рамноправен натпревар во Софија но за нов пораз, по оној од 0-2 во Скопје на првиот меч, им пресуди голот на Петков во 101. минута од средбата, по продолжувањето на мечот од цели 12 минути поради тоа што во 74. минута имаше промена на главниот судија Лионел Чуди, кој се повреди.
Македонскиот претставник одигра израмнет натпревар со бугарскиот состав пред 30.000 бугарски навивачи на преполниот „Георги Аспарухов“, но немаше сили за ништо повеќе од нов пораз.
Главно се играше на средината од теренот без многу шанси, иако Левски беше нешто поблиску до погодок уште во првото полувреме.
Сепак, Реналдо Цефас за Шкупи имаше два обида во самиот финиш да донесе некакво возбудување на крајот од мечот, не не успеа да постигне погодок од шансите во 89. минута и во втората минута од судиското продолжение. Па, кога не погоди, во моментите на напад на македонскиот состав, Петков во 101. минута погоди за победа на Левски од 1-0.
Шкупи, на тој начин, ги заврши европските настапи ова лето. Единствен македонски тим кој продолжува на европската сцена е екипата на Струга ТЛ која ќе игра во 3. квалификациско коло од Конференциската лига против луксембуршкиот Есперанж.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА