По тесниот пораз од Башкими (2-3), фудбалерите на Шкупи ја вратија самодовербата и со оптимизам гледаат кон следната цел – првата сезонска победа.
Асан Рифадов верува дека тимот е психички подготвен за претстојното гостување кај Силекс во Кратово и ветува борба до последен здив.
„Сакам да кажам дека не е важно дали играме со младинци или со искусни играчи, Шкупи секогаш на секој натпревар оди да се надигрува, не се плашиме од никој. Тука сме да ги браниме боите на клубот до последниот натпревар и до последен здив. Очекувам фер и коректна игра од двете страни, и ние ќе се бориме за позитивен резултат“ – истакна Рифадов.
Домаќинот Силекс влегува во овој дуел во евидентна криза, не знаејќи за триумф на последните четири натпревари (два порази и две нерешени средби). Сепак, историскиот биланс и традицијата се на страната на кратовци кои имаат 18 победи наспроти 12 на Шкупи, додека 11 натпревари завршиле без победник.
Се освен победа на Силекс денеска би било огромно изненадување, со оглед дека противникот е со само еден освоен бод. Од кратовскиот табор истакнуваат дека мечот со Шкупи доаѓа во добар момент, но и дека ќе треба да се одигра на терен за да се освојат бодовите.
„Очекувањата се само три бода на домашен терен против екипата на Шкупи. Овој меч доаѓа во вистински момент за нас. Сега имаме свежина после паузата поради репрезентациите, и се надевам дека ќе ги освоиме бодовите и дека потоа ќе почнеме една долга победничка серија. Нема никого да потцениме, треба да излеземе на терен, да ги одработиме задачите кои ќе ни бидат поставени и да дојдеме до триумф“, изјави дефанзивецот на Силекс, Ѓорѓе Џеков.
Последниот дуел во Кратово одигран на 10 ноември заврши со висока победа на домаќините од 5-1, а денешниот натпревар помеѓу Силекс и Шкупи започнува во 15:30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

