Шкупи: Се оградуваме од неспортските настани во Штип, фудбалот не смее да биде арена за физички пресметки

По повод немилите настани на денешниот натпревар помеѓу пионерските екипи на Брегалница и Шкупи, кога дел од госинската публика влезе на теренот и нападна млади играчи на штипскиот тим, по кој дуел двајца завршија во болница, се огласија и од тимот на Шкупи.

Од таму го осудија настанот, и велат дека фудбалската арена не смее да биде терен каде што ќе се случуваат физички пресметки.

„ФК Шкупи преку ова соопштение сака да ја информира јавноста дека целосно се оградува од неспортските настани кои се случиле во градот Штип, за време на натпревар од младинските категории.

Фудбалот не е и не смее да биде арена за физички пресметки, туку поле каде што се судруваат талентот, тактиката и спортскиот менталитет.

Како клуб со традиција и долга историја во нашата земја, ФК Шкупи апелира оваа ситуација да се надмине и вакви инциденти да не се повторат во иднина. Духот на фер-плејот и љубовта кон фудбалот секогаш треба да бидат над сè.

Воедно, апелираме до сите надлежни институции да ги преземат неопходните мерки врз основа на материјалите и фактите, со цел сите вклучени лица во овој инцидент да се соочат со законот и да сносат одговорност за своите постапки.

ФК Шкупи останува посветен на негување на спортскиот дух, почитта и здравите вредности кои фудбалот треба да ги претставува“, стои во соопштението на Шкупи.

Се вчитува...