Шкупи со детали за состојбата на својот фудбалер: Андреј е на интензивна нега, но е надвор од животна опасност!

И од ФК Шкупи се огласија околу состојбата на својот фудбалер Андреј Лазаров, кој е еден од повредените во синоќешната ужасна трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Во најголемата трагедија во поновата историја која ја погоди Македонија животот го загубија 51 младо лице, а досега, според официјалните информации, се повредени повеќе од 150 лица. Меѓу повредените е и Лазаров, но како што информираат од Шкупи е надвор од животна опасност, иако со изгореници во стабилна здравствена состојба.

„Најпрво ве известуваме дека нашиот фудбалер Андреј Лазаров е надвор од животна опасност, иако се наоѓа на интензивна нега, откако се здоби со изгореници на делови од телото во пожарот и големата трагедија што се случи во текот на ноќта во Кочани. Оваа информација ја потврдивме откако контактиравме со неговото семејство и роднините. На Андреј му посакуваме брзо закрепнување и враќање меѓу нас. Во ова тешко време, изразуваме најдлабоко сочувство за сите 51 загинати животи во оваа трагедија. Нашите срца се со семејствата на жртвите и со целата наша земја. Се надеваме дека вакви трагедии никогаш повеќе нема да се повторат“ – се вели во соопштението од Шкупи.

Се вчитува...