Шлагер: Добро видовме која е Македонија во март кога ја победија Германија!

Репрезентативецот на Австрија, Ксавер Шлагер ѝ порача на австриска јавност дека нема така лесен да биде мечот со Македонија на отворањето на Европското фудбалско првенство, потенцирајќи дека без оглед на двете победи во евроквалификациите во 2019 година, вистинската сила на Македонија ја виделе во март годинава, кога „црвено-жолтите“ ја победија Германија.

Шлагер посочува дека Македонија го има целиот респект од него и соиграчите, без оглед што јавноста мисли и очекува дека Австрија треба лесно и убедливо да победи на првиот меч на ЕП.

„Македонија секогаш има респект, ги видовме во двата меча дека се добар тим, без оглед што победивме, ама видовме дека може да ни направат проблеми. Ја видовме ние победата на Македонија против Германија. Мислам дека сите видоа колку тежок противник имаме. Нам ни беше јасно уште претходно дека имаме пред себе незгоден ривал. Во денешниот фудбал, мислам дека не може ни да се случи да стигнете до рутинска победа од 5-0, против (по)лесни противници. Мислам дека ниту еден тим не може да направи такво нешто. Видете ги само првенствата, дури и кога игра првиот со последниот, честопати мечот излегува екстра тежок. Навивачите може да зборуваат што сакаат, ама тие не се на теренот, а таму сме ние и ќе треба ние да играме“, вели Шлагер.ж

Македонија во првиот натпревар од Европското првенство за противник ќе ја има репрезентацијата на Австрија, а овој натпревар е закажан за 13 јуни со почеток од 18 часот.

Се вчитува...