ШЛАКАНИЦА: Шкендија се „коцкаше“, се посрамоти во Велс, но продолжува во Европа (ВИДЕО)

Шкендија разочара на гостувањето против ТНС во Велс на реванш дуелот од 1. квалификациско коло за Лигата на шампионите, но благодарение на убедливата победа од 5-0 од првиот меч во Скопје, сепак продолжува со европските настапи ова лето.

Разочарувачки, тимот на Ќатип Османи загуби со 4-0 (3-0) на реванш дуелот во Велс и тоа по очајно одиграни први 30 минути од натпреварот во кои „црвено-црните“ примија дури три гола од ТНС. Последниот четврти следеше во последните секунди од мечот.

Османи се одлучи да го стартува мечот без двајцата свои најдобри фудбалери во нападот Бесарт Ибраими и Марјан Радески, и тоа не донесе позитивна свежина за Шкендија.

Велшаните дојдоа до предност со голот на Дин Еби во 15. минута од средбата…

Во 30. минута Редмонд зголеми на 2-0, а Кабанго во 35. минута веќе донесе предност од неверојатни 3-0 за ТНС…


Во второто полувреме подобро игра на тетовци, посебно и со влегување на Бесарт Ибраими и Марјан Радески.

Сепак, домашните беа тие кои имаа повеќе шанси и за четврти гол но за среќа не успеаја да стигнат до него во почетните минути од вториот дел. Конечно постигнаа четврти гол за 4-0 во 96. минута преку Куртис Бирн.

Но, и тие 4-0 на ТНС не беа доволни да ја елиминираа Шкендија која може да биде среќна што ќе игра во 2. квалификациско коло за Лигата на шампионите. А таму Шкендија ќе го чека подобриот од мечот меѓу молдавски Шериф Тираспол и грузискиот Торпедо. По првиот меч, кој се играше во Грузија, Торпедо има предност од 2-1 а реваншот се игра утре од 19 часот во Молдавија.

Како и да е, Ќатип Османи и неговите фудбалери добија сериозна шлаканица во Велс добра за освестување пред продолжението на европските натпревари!

ЛИГА НА ШАМПИОНИ – ПРВО КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО (реванш меч)

ТНС (Велс) – ШКЕНДИЈА (МКД) 4-0 (3-0)

Вкупен резултат: 4-5

Стрелци: Дин Еби 15′, Редмонд 30′, Кабанго 35′, Бирн 96′ (ТНС).

ТНС: Харисон, Мериот, Холанд, Кабанго, Ратлиџ, Редмонд, Хадсон, Мулан, Еби, Луис, Едвард

Тренер: Скот Раско

ШКЕНДИЈА: Захов, Бејтулаи, Вакили, Муслиу, Зејнулаи (Чешмеџиев 88′), Адили, Тодоровски (Радески 46′), Алими, Жуниор, Емини, Шефити (Ибраими 46′)

Тренер: Ќатип Османи

Се вчитува...