Раководството на Реал Мадрид воопшто не размислува за тренерска смена, демантирајќи ги последните шпекулации дека „кралевите“ ја разгледуваат опцијата за предвремена разделба од Чаби Алонсо по недоразбирањата со Винисиус и со уште неколку фудбалери на најтрофејниот европски клуб.
Демантот стигна преку мадридскиот весник „Марка“, кој важи за максимално упатен за случувањата меѓу „кралевите“. Според последните информации, Флорентино Перез и клупските директори испратиле јасна порака – Чаби Алонсо е доведен во Мадрид како долгорочен лидер и никој воопшто не размислува за негова смена. Во текстот на „Марка“ не се демантира дека постои одредено незадоволство кај дел од играчите, но пораката е јасна – управата е зад тренерот и играчите ќе мора да се прилагодат на него, а не обратно.
Ова е особено силен удар врз егото на Винисиус, кој почна како резерва на последниот меч со Елче, по што повторно се појавија шпекулации околу неговата иднина во клубот. Бразилецот има уште 19 месеци од актуелниот договор и наводно најавил дека нема да го продолжи доколку Чаби остане кормилар, ситуација што дополнително ја компликува најновата порака од Флорентино.
По новиот развој на настаните, претседателот на Реал јасно ставил до знаење дека хиерархијата мора да се почитува, па се поизгледно е дека Винисиус следното лето ќе биде продаден – во ПСЖ, Челси или во Саудиска Арабија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

