Селекторот на фудбалската репрезентација на Ирак, Греам Арнолд, побара од ФИФА да го одложи натпреварот од плејофот за пласман на Светското првенство 2026 поради конфликтот на Блискиот Исток, објави „Би-Би-Си“.
На 31 март во Монтереј, Ирак треба да го игра Интерконтиненталниот бараж со победникот од дуелот меѓу Боливија и Суринам. Победникот од овој натпревар ќе се квалификува за Светското првенство, кое започнува на 11 јуни во САД, Канада и Мексико.
Британските медиуми објавуваат дека Ирачката фудбалска асоцијација е загрижена дека нема да може да ги донесе играчите и тренерскиот персонал во Мексико. Ирачкиот воздушен простор беше затворен на 28 февруари поради конфликтот на Блискиот Исток.
Арнолд, кој е селектор на Ирак од мај 2025 година, рече дека составувањето на екипа составена само од странски играчи би ги намалило шансите на Ирак да се квалификува за своето прво Светско првенство од 1986 година.
„Тоа не би бил нашиот најдобар тим, а ни е потребен најдобриот тим за најголемиот натпревар на оваа земја во последните 40 години. Фактот дека Ирак не се квалификувал за Светското првенство во последните 40 години е веројатно главната причина зошто ја прифатив оваа работа. Но, во оваа фаза, со затворените аеродроми, работиме напорно за да се обидеме да најдеме друга алтернатива“, рече Арнолд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

