Изненадувачка вест пристигнува од УЕФА, откако Звонимир Бобан донесе одлука да се повлече од својата функција во европската куќа на фудбалот. Хрватот важеше за десна рака на претседателот Александар Чеферин, па токму затоа изненадувачки е што Бобан реши да си замине токму поради конфликтот со првиот човек на УЕФА.
Причина, инсистирањето на Чеферин да го промени Статутот на УЕФА со кој не се дозволува ист претседател да има повеќе од три мандати, со што ќе се овозможи Словенецот да продолжи да ја извршува претседателската функција и во иднина. Процедурата за статутарни промени веќе стартуваше, ваквата идеја на Чеферин наиде на отпор кај дел од кандидатите, но сосема неочекувано и кај Бобан, кој реши да си замине од УЕФА.
„Имав разговор со Александар Чеферин на кој дискутиравме за проблемот на последниот состанок на Управниот Одбор на Хамбург, кој се однесува на неговиот предлог за бришење на точката за максимален број на мандати што би можел да ја има Чеферин како претседател. Откако ја искажав мојата голема загриженост и целосно несогласување со самиот предлог, претседателот ми одговори дека за него не постои никаков морално – етички проблем и дека без размислување ќе продолжи со таа, по мое мислење погубна идеја. Парадоксално, токму Чеферин во 2017 година предложи и спроведе пакет реформи со кои требаше да го заштити европскиот фудбал од „лошо управување“. Главни точки беа дека ниту претседателот ниту членовите на Извршниот одбор нема да имаат повеќе од три мандати, а воведен беше и возрасен лимит од 70 години за сите членови на Извршниот Одбор. Тоа беше голема работа за фудбалот, но и за самиот Чеферин, па затоа неразбирливи за мене се отстапувањата што претседателот ги покажува од вредностите што самиот ги наметна. Во овие три години, соработката со Александар и со сите колеги во УЕФА беше на највисоко ниво, им благодарам и им посакувам се најдобро. Жал ми е и тажен сум, но си заминувам од УЕФА“, објави Звонимир Бобан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА