Севилја приреди огромно изненадување откако во осминафиналето од Лигата на шампионите го елиминираше Манчестер јунајтед. Неискористената доминација и ремито од 0-0 во Шпанија беше надополнето со одлично издание вечерва на „Олд трафорд“, каде избраниците на Винченцо Монтела го надиграа фаворитот, славеа со 1-2 и сосема заслужено се најдоа меѓу осумте најдобри екипи во Европа.
Уште од самиот почеток Шпанците ставија до знаење дека немаат намера да се бранат во Манчестер, создавајќи неколку полушанси при кои не упатија конкретен удар кон голот на Де Хеа. Вторите 45 минути донесоа далеку поголеми возбудувања, најпрвин Баи во последен момент реагираше при обидот на Кореа, а потоа на спротивната страна Лингард шутираше опасно, но гостинскиот голман со крајно напори исфрли во корнер.
А потоа, клучниот момент на средбата, влегувањето во игра на Бен Једер во 72. минута. Токму францускиот голгетер се покажа како човек на одлука, погодувајќи во 74. минута, а потоа и четири минути подоцна за 0-2, во ситуација кога Де Хеа мораше далеку подобро да реагира. Ромелу Лукаку до крајот успеа да намали на 1-2, но тоа беше се што тимот на Мурињо успеа да стори, па „ѓаволите“ заслужено се елиминирани откако за 180 минути во овој осминафинален двомеч беа надиграни од страна на Севилја.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА