Првиот ден од УС Опен го донесе и првото големо изненадување на женскиот дел од турнирот, откако својот настап прерано го заврши Симона Халеп.
Романката се надеваше дека годинава би можела да стигне до своето прво финале во Њујорк, но неочекувано загуби на дуелот со украинската тенисерка Дарија Шнигур, моментно пласирана на 124. место на ВТА-листата. Украинката изненади добивајќи го првиот сет со 6-2, но кога Халеп блесна во вториот сет славејќи со 6-0 се чинеше дека фаворитката ќе нема проблем да се пласира во второто коло.
На теренот се случи сосема спротивното, Шнигур доминираше и поведе со 5-1 во гејмови. Халеп покажа карактер, спаси неколку меч топки и се приближи до 5-4, потоа имаше и водство од 0-30 на сервис на 20-годишната украинска тенисерка, но тоа беше се од Романката. Шнигур ги доби наредните четири поени во низа и стигна до својата најголема победа во кариерата, прва над тенисерка која е дел од Топ 10 на ВТА-листата.
За истакнување е и победата на Бразилката Хадад Маја, која со максимални 6-0, 6-0 ја декласираше Конјух од Хрватска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

