Капитенката на македонската ракометна репрезентација, Елена Ѓоргиевска ќе го пропушти денешниот дуел против Словенија (17.30 ч.) за бронзениот медал на Медитеранските игри во Тарагона. Ѓоргиевска се повреди во вчерашното полуфинале со Шпанија и денеска не ќе може да настапи на историскиот дуел дуел за медал на Медитеранските игри што е прв ваков успех на женската ракометна репрезентација. Во дуел со една од шпанските ракометарки, капитенот на македонската репрезентација се здоби со повреда на рамото на левата шутерска рака.
Повредата ноќеска и била санирана во болницата во Тарагона, се чекаат конечните резултати од испитувањата и колкава пауза ја чека Ѓоргиевска, но засега е сигурно дека таа денеска дефинитивно нема да биде на терен.
„Отсуството на Елена ќе ни биде голем хендикеп на денешниот меч со Словенија. Ќе се обидеме најдобро што може во овој кус период да одработиме нешто без неа. Многу е кратко времето за да се направат некои комбинаторики. Ќе се обидеме со 2-3 други ракометарки да ја покриеме десната бековска позиција. Сега треба да се сплотиме сите и да одиграме и за неа. Ни треба тимска игра и тимски дух. Имаме силен мотив, добра атмосфера и меѓу ракометарките и во стручниот штаб. Достојно ја претставуваме Македонија на овие Медитерански игри и верувам дека така ќе биде и во овој завршен дуел со Словенија“ – вели селекторот Симе Симовски.
Македонските ракометарки се најпријатното изненадување од сите макеоднски претставници на овие Медитерански игри, посебно во колективните спортови. Во првата фаза во групата, Македонија славеше победи против Турција, Србија и против Египет, а загуби од фаворитот Црна Гора. Во вчерашното полуфинале достојно и парираше и на селекцијата на Шпанија која е прв фаворит за златниот медал.
„Ни недостасуваат вакви силни натпревари и ваков ритам. Ако сакаме да бидеме дел од европскиот свет, мора да имаме во континуитет повеќе вакви мечеви со репрезентации како Шпанија, Словенија, Црна Гора. Девојките покажаа дека може добро да се носат и дека им се потребни вакви предизвици“ – истакнува Симовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА