Шокантна вест стигнува за ракометната репрезентација на Македонија на помалку од 24 часа пред тргнувањето кон Дебрецен, каде нашите ракометари в четврток ќе го почнат настапот на ЕП 2022.
Имено, третото и последно задолжително тестирање пред патот за Унгарија донесе и огромен проблем, откако петмина членови на националниот тим добија позитивни резултати на Covid-19.
„Во рамки на подготовките за претстојното ЕП 2022 (Унгарија – Словачка) македонските репрезентативци утре наутро ќе го одработат последниот тренинг пред заминување во Дебрецин. Во текот на подготовките согласно протоколарниот режим на тестирање одреден од Европската Ракометна Федерација, беа извршени ковид ПЦР тестирања на 4ти и 7ми и 10ти јануари.
„Според резултатите од денешните ПЦР тестирања направени во овластена лабораторија за сите членови на таборот на Ракометната федерација на Македонија, кај 5 (пет) претставници кои утре требаше да заминат на Европското ракометно првенство 2022, детектиран е вирусот SARS-CoV- 2 (Covid-19). Македонската ракометна репрезентација утре во 14:10 часот попладне заминува за Дебрецин – Унгарија , а првиот меч од групната фаза нашите машки сениори ќе го одиграат на 13 јануари (четврток) во 18:00 часот против репрезентацијата на Словенија“, објави Ракометната Федерација на Македонија.
Позитивните членови дефинитивно ќе ги пропуштат првите две средби од ЕП 2022, против Словенија и Црна Гора, а мали се шансите за нивни настап на последниот дуел во Дебрецен, против селекцијата на Данска закажан за 17 јануари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА