Шок: Пропадна трансферот на Дибала во Интер!

Пауло Дибала требаше да биде најновото суперзасилување на Интер, но трансферот на аргентинскиот голгетер се наоѓа пред тотален колапс, објавија доцна синоќа неколку италијански медиуми.

Дибала се наоѓаше на одмор во САД додека неговиот агент во Милано ги договараше завршните детали од трансферот во Интер. Се очекуваше договорот да биде потпишан до крајот на претстојниот викенд, но очигледно во меѓувреме дошло до застој во разговорите. Според изворите од Апенинскиот полуостров, во Интер не биле убедени во исправноста на овој мега-трансфер, токму директорот Марота решил да ги прекине преговорите, а воопшто нема најава дека истите ќе бидат продолжени.

Платата од над шест милиони евра претставува сериозен ризик со оглед на честите повреди што го следат Дибала во последните неколку сезони. Доколку Интер и официјално се повлече, Аргентинецот нема премногу понуди на маса, откако англиските премиерлигаши кои беа заинтересирани решија да ги прекинат преговорите уште пред петнаесетина дена. Милан и Рома искажаа интерес пред извесно време, но немаат доставено никаква понуда за екс-фудбалерот на Јувентус.

Единствената конкретна понуда на Дибала е онаа на Севилја, која е со плата од само три милиони загарантирани евра по сезона, двојно помалку од она што Аргентинецот го бара.

Се вчитува...