Катастрофалното издание на последното гостување и убедливиот пораз во Норвешка најверојатно ќе донесе и смена на кормилото на италијанската репрезентација, најавуваат медиумите од Апенинскиот полуостров.
Федерацијата не планира да му врачи отказ на Лучијано Спалети, но самиот селектор е подготвен да се повлече од оваа функција. Екс-тренерот на Наполи е разочаран од она што го гледа во националниот тим, се посериозно се сомнева дека ќе успее да ги наметне своите тактички замисли врз фудбалерите за да се влезе во победнички ритам.
Поради тоа, Спалети има сериозни сомнежи дали воопшто да остане на кормилото. Како што јавуваат медиуми, тој ќе ги води „аѕурите“ на утрешниот дуел со Молдавија, по што веќе во вторник ќе има состанок со раководството на федерацијата, и тоа на негова иницијатива.
Иако ставот е дека не треба да има селекторска смена, ако Спалети самиот реши да се повлече федерацијата ќе ја прифати неговата оставка, а според „Скај Италија“, главни фаворити за негов наследник би биле Клаудио Раниери и Стефано Пиоли.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

