На малерите на најдобрите европски кошаркари во пресрет на Евробаскет 2017 како да им нема крај, па така попладнево Српската Кошаркарска Федерација објави шокантна информација – оваа селекција нема да може да смета ниту на Милош Теодосиќ за претстојниот континентален собир. Извонредниот плејмејкер летово направи трансфер во НБА-лигата, во изминатиот период ги пропушти контролните средби, за денеска да биде обелоденето дека поради хроничната повреда на мускулот на ногата ќе мора да го пропушти Евробаскет 2017.
„Капитенот на Србија, Милош Теодосиќ, за жал нема да може да настапи на претстојниот шампионат на Европа. Хроничната повреда на листот на ногата, поради која ги пропушти досегашните тренинг-средби, не може да биде залечена во целост до почетокот на Евробаскет, па селекторот и кошаркарот, по консултациите на медицинскиот тим на ЛА клиперс, заеднички ја донесоа оваа тешка одлука“ – се вели во соопштението на Кошаркарската Федерација на Србија.
Јасно е дека отсуството на најдобриот кошаркар ќе биде сериозен удар за Србија, уште повеќе ако се знае дека селекторот Ѓорѓевиќ не може да смета ниту на Радуљица, Бјелица, Дангубиќ, Милутинов…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА