Шок-терапија во Вецлар: Хорват веднаш доби отказ, директорот ќе му биде тренер на Кузмановски

Премногу кратко траеше авантурата на Хрвоје Хорват како шеф на стручниот штаб на Вецлар, клуб каде помошник е Филип Миркуловски, а од неодамна во играчкиот кадар се наоѓа и репрезентативецот Филип Кузмановски.

Хорват не само што не успеа да го извлече Вецлар од резултатска криза, туку управата на клубот се налути кога дозна дека Хрватот во меѓувреме се договорил да води друг клуб за наредната сезона.

„За нас, ова е знак на апсолутна недоверба. Кога Хорват потпиша се договоривме дека цел е да се опстане во лигата, а потоа да седнеме и да разговараме за иднината. Кога дознавме дека тој веќе се договорил со клуб од странство за следната сезона, јасно е зошто се чувствуваме изневерени и веќе нема простор за натамошна соработка“, изјави спортскиот директор, Јасмин Чамџиќ.

Токму Чамџиќ ќе го води тимот до крајот на сезонава, заедно со нашиот Филип Миркуловски, тандемот што беше на чело на Вецлар и на неколку натпревари пред доаѓањето на Хорват.

Се вчитува...