Тажни вести ја потресоа Босна и Херцеговина денеска, но и целиот балкански регион. Поранешниот фудбалер од Орашје, Јосип Лукачевиќ, почина на само 42-годишна возраст.
Лукачевиќ синоќа пред почетокот на тренингот доживеал тежок мозочен удар. И покрај итната операција, лекарите денеска потврдија дека починал.
Својата фудбалска кариера ја започна во Орашје, од каде што се пресели во Хајдук Сплит, каде што играше како лев бек. Беше препознаен како современ дефанзивец со силни офанзивни вештини, брзина и прецизен шут. По периодот во Хајдук, играше една сезона за Широки Бријег, а потоа за Челик Зеница.
Следната фаза од неговата кариера беше во Русија, во тимот на Луч-Енергија Владивосток, но набрзо се врати на територијата на поранешна Југославија. Потоа следеа настапи за Лучко, Цибалија, Осиек и повторно за Орашје, по што ја продолжи кариерата во Австрија.
Беше член и на репрезентацијата на БиХ за која настапи на осум натпревари. Беше дел од талентираната генерација до 21 година на Босна и Херцеговина, заедно со Ибричиќ, Зебо, Адиловиќ и бројни други играчи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

