Делегацијата на Реал Мадрид го откажа летот за Париз каде вечерва ќе биде доделена престижната награда „Златна топка“. Авионот на мадридјаните требаше да тргне од аеродромот „Адолф Суарез“ во 15 часот, но и покрај тоа што делегацијата која брои 50 члена веќе беше подготвена за полетување, летот беше откажан.
Тоа сугерира дека фаворитот број еден, Винисиус Џуниор нема да ја добие престижната награда и според тоа очекувањата се дека таа ќе заврши во рацете на Шпанецот Родри кој имаше успешна сезона со Манчестер Сити и шпанската репрезентација која се искачи на врвот на Европа.
Реал Мадрид имаше 11 номинации на овогодинешните награди. Покрај Винисиус беа номинирани и Белингем, Валверде, Крос, Карвахал, Мбапе и Рудигер. Номиниран за најдобар тренер на годината беше и Карло Анчелоти, Арда Гулер за најдобар млад фудбалер, а Андреј Лунин за најдобар голман.
Ниту номинираните фудбалери, ниту нивните семејства нема да бидат присутни на вечерашната гала.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА