Хофенхајм приреди огромно изненадување во седмото коло од Бундес-лигата, на гостински терен шокирајќи го големиот фаворит Баерн Минхен со 1-2. Баварскиот гигант влезе во мечот на крилјата на извонредниот триумф од 2-7 над Тотенхем во ЛШ, но овојпат наидоа на потврдоглав противник, не ги искористија шансите што им се укажаа и на крајот го претрпеа првиот овосезонски пораз.
Гнабри го отвори резултатот во првото полувреме, но овој гол беше поништен со ВАР. Адамјан ги шокираше домашните фудбалери со гол на стартот од вториот дел, но кога Левандовски погоди за израмнување се чинеше дека Баерн ќе стигне до целосен пресврт. Се случи токму спротивното – Адамјан по вторпат го совлада Нојер за огромен триумф на Хофенхајм.
Борусија Дортмунд исто така не стигна до цел плен, ремизирајќи 2-2 на гостувањето против Фрајбург. „Милионерите“ имаа предност од 0-1 и од 1-2 преку Витсел и Ашраф, но на крајот мораа да се задоволат со само еден бод откако примија гол во 89. минута.
Баер Леверкузен и Лајпциг ремизираа 1-1, па сега овие два тима се рамо до рамо со Баерн со по 14 бода, на делба на лидерската позиција на табелата.
Резултати Германија:
Баер Л. – Лајпциг 1-1, Баерн М. – Хофенхајм 1-2, Фрајбург – Борусија Д. 2-2, Падерборн – Мајнц 1-2.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА