Баерн Минхен ја прекина серијата победи со ремито на домашен терен против Херта, но многу поголем проблем за Јуп Хејнкес од загубените два бода е повредата на Кингсли Коман, која се покажа посериозна од првичните прогнози.
Францускиот крилен офанзивец влезе во игра во 68. минута на местото на Рибери, но само неколку минути подоцна се пожали на болка во скочниот зглоб и мораше да биде заменет. Во Баерн се надеваа дека повредата не е премногу сериозна, но според весникот „Билд“, ситуацијата е сосема спротивна од нивните желби.
Имено, вечерва било утврдено дека станува збор за сериозен проблем со лигаментите на зглобот, поради што Коман ќе мора да замине на операција. Ќе следи пауза од најмалку три месеци и јасно е дека оваа сезона е завршена за младиот Французин, единствената дилема е дали тој ќе може да се рехабилитира навреме за да биде во комбинација за настап за „триколорите“ на претстојниот мундијал во Русија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА