Шок за Барса: Олмо и Пау Виктор се слободни фудбалери

Барселона се соочува со огромен проблем откако каталонскиот гигант не успеа во предвидениот рок да ги регистрира Дани Олмо и младиот Пау Виктор во листата на играчи кои ќе можат да му бидат на располагање на тренерот Флик за вториот дел од сезоната.

Олмо го играше првиот дел на местото на Кристенсен кој беше повреден, но Данецот по автоматизам се враќа на списокот за вториот дел, а каталонците не успеаја да создадат дополнителни приходи со кои би оствариле место во буџетот за регистрациите на Олмо и на Виктор.

Претседателот Лапорта на 31 декември ја финализираше продажбата на ВИП-ложите со што се веруваше дека се остварени дополнителни приходи за регистрација на двајцата фудбалери, но само петнаесетина минути по објавата на Барса следеше и одговор од Ла Лига.

„Барселона не презентираше друга алтернатива или доказ за поголеми приходи за да можеме да ја дозволиме регистрацијата“, се вели во соопштението на Ла Лига.

Ова практично значи дека Олмо и Пау Виктор од денеска се слободни фудбалери и можат да потпишат без никаква отштета за друг клуб. Сепак, информациите од Шпанија велат дека Дани Олмо ќе почека целосна разврска и ќе му даде шанса на Лапорта за нов маневар во текот на јануарскиот преоден рок, се со цел да биде најден начин за тој да остане во Барселона. Сепак, доколку ситуацијата не се промени до крајот на месецот, лесно може да се случи поранешниот фудбалер на Лајпциг да си замине од „Камп Ноу“.

Се вчитува...