Португалија скапо ја плати денешната победа над Русија на Купот на Конфедерациите, со повредата што на овој натпревар ја заработи Рафаел Гереиро. Левиот бек на Борусија Дортмунд настрада при еден дуел кон средината на второто полувреме, по што со солзи во очите го напушти теренот во 65. минута, со што беше јасно дека повредата воопшто не е наивна.
Тоа по завршувањето на натреварот го потврди и португалскиот селектор Фернандо Сантош.
„Ситуацијата е сериозна, Гереиро веќе замина во болница за да му бидат извршени детални прегледи. Првичните прогнози не се добри – стравуваме дека станува збор за скршеница на скочниот зглоб. Се надевам дека не сме во право, би била вистинска штета одлично момче како Гереиро долго да отсуствува од терените“ – изјави Сантош.
Потврда на информацијата за скршеницата на зглобот би значела и пауза од најмалку три месеци, што значи дека Гереиро сигурно би го пропуштил стартот на новата сезона во Бундес-лигата, но и стартот на Лигата на шампионите кон средината на септември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА