Хакан Чалхалноглу е еден од клучните фудбалери во тимот на Интер по трансферот од градскиот ривал Милан, токму затоа големо е изненадувањето во таборот на „нероаѕурите“ откако беше обелоденето дека Чалханоглу и неговиот агент имале разговори со раководството на Баерн Минхен.
Информацијата први ја објавија турските медиуми, од кои дел имале и официјална потврда од самиот Чалханоглу дека постои контакт меѓу двете страни. Денеска истото го потврдува и влијателниот германски весник „Билд“ повикувајќи се на извори од баварскиот гигант. Според нив, Чалханоглу би бил заинтересиран за трансфер, но само доколку за такво нешто добие зелено светло од Интер.
„Нероаѕурите“ засега не размислуваат за продажба на овој фудбалер, кој има договор со клубот до 2027 година. Сепак, Чалханоглу веќе наполни 30 години и италијанскиот првак би можел сериозно да размисли доколку добие интересна понуда, од најмалку 50 милиони евра што потоа би биле реинвестирани во нови играчи за врска. Впрочем, Интер веќе го договори слободниот трансфер на Зиелински од Наполи, но доколку Чалханоглу биде продаден Инзаги ќе инсистира на уште еден фудбалер во средниот ред со што би ја засилил конкуренцијата во овој дел од екипата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА