Симоне Инзаги ќе го предводи Интер на големото финале од Лигата на Шампионите против ПСЖ, но огромни се шансите овој натпревар да биде и последен за Инзаги како предводник на „нероаѕурите“. Информациите од Италија говорат дека Инзаги максимално сериозно ја разгледува понудата од Ал Хилал за летово да се пресели во Саудиска Арабија и да стане најплатен тренер во светскиот фудбал.
Имено, понудата на маса за нов договор со Интер е за плата од седум милиони евра, додека Ал Хилал му нуди на Инзаги извонредни 30 милиони евра по сезона за тригодишен договор, плус богат бонус при самиот потпис. Одличниот стратег е свесен дека понудата е премногу добра за да биде одбиена, но побарал од челниците на Ал Хилал преговорите да бидат одложени до завршувањето на финалето од ЛШ закажано за претстојниот викенд.
Сепак, извори блиски до тренерот на Интер тврдат дека тој веќе донел одлука за заминување, а истата ќе ја обелодени во деновите по финалето. Заработката во Саудиска Арабија е далеку повисока од било каде во фудбалска Европа и Инзаги е решен да ја прифати оваа авантура, добро да заработи, па потоа по неколку години да се врати назад на Апенинскиот полуостров.
Она што е интересно, последен пат кога Интер стана европски првак, Жозе Мурињо неколку дена по финалниот триумф си замина од „Џузепе Меаца“ селејќи се на клупата на Реал Мадрид. Големи се шансите историјата да се повтори со Симоне Инзаги и Ал Хилал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

