Навивачите, фудбалерите и управата на Јувентус вечерва се во шок откако Судот при Фудбалската Асоцијација на Италија реши да ја казни „старата дама“ со бришење на огромни 15 бода од освоеното салдо.
Иако обвинителот во случајот бараше казна од девет бода, судот оцени дека престапот направен од страна на управата е премногу сериозен и дека „црно-белите“ ќе морат уште пожестоко да бидат санкционирани. Затоа, Јувентус ќе биде минусиран со дури 15 од освоените бодови, што драстично ќе ги намали шансите на тимот за излез во фудбалска Европа за наредната сезона. Во една таква ситуација, за очекување е Јувентус да продаде некој од клучните фудбалери (најверојатно Душан Влаховиќ) за да го намали финансискиот удар што ќе следи од овој скандал.
За потсетување, скандалот беше обелоденет откако дел од фудбалерите јавно си ги побараа парите што им беа ветени за време на коронавирусот. Тие тогаш се откажаа од четири плати што требаше да ги земат, но управата им ветила дека тие пари ќе бидат покриени до јуни 2022 година. Откако беше обелоденето дека таквите нови договори со ветениот поврат не постојат никаде во јавната документација на најтрофејниот италијански клуб, беше обновена истрагата против Јуве што резултираше со денешната казна. Претседателот Ањели и останатите членови на управата си поднесоа оставки по обелоденувањето на скандалот со надеж да ја ублажат санкцијата, но ниту тоа не им вроди со плод.
Од челниците на клубот, директорот Паратичи беше казнет со забрана за вршење на фудбалска дејност во следните 2,5 години, Ањели нема да може да биде во фудбалот во наредните две години, додека за Павел Недвед оваа санкција е со времетраење од осум месеци.
Сигурно е дека Јувентус ќе испрати официјална жалба до Спортскиот Суд на Олимпискиот Комитет на Италија, но освен мало намалување на санкцијата, тешко е да се очекува поинаков исход со оглед на доказите против „црно-белите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА