Шок за Кливленд – Халибартон ја водеше Индијана до „брејк“ (ВИДЕО)

Кошаркарите на Индијана Пејсерс направија големо изненадување на стартот од четвртфиналето од НБА плејофот, на гостински терен победувајќи ги Кливленд Кавалирс со 121-112. Пејсерси сега водат со 1-0 во серијата против лидерот во регуларната сезона на Истокот од најсилната лига во светот.

Индијана имаше предност во поголемиот дел од натпреварот, но Кавалирс се вратија во игра неколку пати. Ол-стар плејмејкерот на Кливленд, Дариус Гарланд, го пропушти натпреварот поради повреда на палецот на левата нога.

Така беше и во четвртата четвртина, кога резултатот беше нерешен (101-101). Сепак, Пејсерс беа поконцентрирани на крајот и успеаја да победат. Ендрју Нембард ги предводеше до победата со 23 поени и шест асистенции, а потоа следуваше Тајрис Халибартон со 22 поени, три скока и 13 асистенции.

Арон Несмит и Паскал Сиакам беа двоцифрени со по 17 поени и осум скока, додека Мајлс Тарнер имаше дабл-дабл со 13 поени и 11 скока.

За Кливленд се истакна Донован Мичел со 33 поени, пет скока и четири асистенции, додека Тај Џером имаше 21 поен со три скока и осум асистенции. Еван Мобли имаше „дабл-дабл“ со 20 поени и 10 скока.

Следниот натпревар е закажан исто така во Кливленд ноќта меѓу вторник и среда.

Се вчитува...