Шок за Лацио: Маурицио Сари си поднесе оставка, на негово место доаѓа екс-соиграч на Пандев

Маурицио Сари ги шокираше навивачите на Лацио откако денеска си поднесе оставка од функцијата шеф на стручниот штаб на римскиот прволигаш. „Лацијалите“ беа во сериозна криза, синоќешниот пораз од Удинезе беше трет во низа во Серија А, но претседателот Лотито и синоќа повтори дека верува во Сари и нема да се реши за тренерска смена.

Сепак, трофејниот стручњак стануваше се поисфрустриран по серијата слаби резултати, вината барајќи ја и кај управата поради неисполнетите желби за време на летниот преоден рок. Италијанските медиуми информираат дека утрово дошло до конфликт меѓу тренерот и фудбалерите во тренинг-комплексот Формело, по што Сари заминал кај клупската управа  поднел неотповиклива оставка.

Информациите од Италија говорат дека Лотито планира да доведе привремено решение како нов тренер само до крајот на сезонава, па потоа летово да потпише долгорочен договор за клупата на „лацијалите“. Прв фаворит за наследник на Сари е поранешниот соиграч на Горан Пандев од нападот на Лацио, Томазо Роки, а како кандидат се споменува уште еден екс-голгетер на римскиот клуб, Германецот Мирослав Клосе.

„Лацијалите“ моментно се наоѓаат на деветтото место на табелата со 40 бода, а во следното коло ги очекува гостување против Фросиноне.

Се вчитува...