Атмосферата во таборот на Монпелје во пресрет на саботниот полуфинален дуел со Вардар ќе биде сериозно нарушена откако оваа екипа вечерва загуби од Сан Рафаел со 26-25, пораз кој речиси сигурно ќе значи и губење на шампионската титула.
На Монпелје му беше доволен само еден бод за да ја задржи предноста во однос на ПСЖ во пресрет на последното коло, но ривалот на „вардарци“ потфрли во самиот финиш, прокоцкувајќи предност од 21-23 на седум минути до крајот, за пораз во најнезгоден момент. Абили беше стрелец на победничкиот гол за Сан Рафаел на 30 секунди до крајот, Монпелје имаше напад за израмнување, но обидот на Порт (дотогаш имаше шут 8/10) заврши само во дирекот.
ПСЖ и Монпелје имаат идентичен број на бодови во пресрет на последното коло, но „светците“ се наоѓаат во предност и со победа во последното коло над Шамбери ќе ја осигураат новата шампионска титула. Во Франција во случај на идентичен број на бодови пресудни се меѓусебните дуели, а ПСЖ во Париз го совлада Монпелје со 26-19, додека на гостински терен загуби од овој ривал со само три гола разлика (33-30).
За Монпелје нема премногу време за анализи бидејќи веќе в сабота овој тим го очекува полуфиналниот дуел од ЛШ против Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

