Наполи се подготвува за почеток на нова ера под водство на Антонио Конте, но трофејниот стратег на стартот се соочи со огромен проблем, откако Квича Кварацкелија поднесе барање за трансфер.
Иако не е ниту блиску до истек на договорот, грузискиот репрезентативец бара да му биде дозволено да ги смени клупските бои, одлука што доцна синоќа ја обелодени неговиот агент.
„Сакаме да си заминеме од Наполи, но за тоа поконкретно ќе говориме кога ќе завршиме со ЕВРО 2024. Наполи има големи планови со Конте, сигурно повторно ќе се бори за највисок пласман, но тоа не значи дека Кварацкелија сака да остане овде. Тој сега е фокусиран само на настапот за Грузија,но кога станува збор за клупскиот фудбал сака да биде во тим кој ќе игра во Лигата на Шампионите. Најлошото е што ако остане во Наполи, тој ќе загуби цела една година… загрижени сме. Ланската сезона имаше четири различни тренери, нормално дека не можеше да влезе во ритам“, изјави агентот на Кварацкелија за италијанските медиуми.
ПСЖ покажува најсериозен интерес за грузискиот фудбалер, францускиот првак е подготвен да плати 80 милиони евра за потписот на Кварацкелија, но Наполи ги одби сите понуди без премногу простор за разговор.
Наполи преку клупско соопштение веднаш објави дека Грузиецот не е достапен за трансфер, потсетувајќи дека е под договор до јуни 2027 година, но јасно е дека оваа сапуница нема да заврши овде.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА