Серијата на непобедливост на Наполи на домашен терен сезонава беше прекината откако лидерот на табелата претрпе пораз на „Диего Марадона“ стадионот од Лацио, со минимални 0-1. Римскиот клуб со дисциплинирана игра во одбраната го неутрализираше тандемот Осимен – Квараскелија, а на спротивната страна со прекрасниот погодок на Весино стигна до огромни три бода во трката за место во Лигата на Шампионите.
Маурицио Сари одлично ја имаше поставено играта против својот поранешен клуб, а „лацијалите“ можеа и многу порано да поведат, доколку еден домашен дефанзивец не стигнеше до топката на самата гол-линија додека таа се движеше кон мрежата по ударот со глава на Весино.
Наполи беше далеку подобар ривал во второто полувреме, но не успеа да создаде стопроцентна шанса. Затоа пак Лацио својата прва можност во вториот дел ја претвори во гол, откако Весино маестрално погоди од над 20 метри, матирајќи го голманот Мерет.
Елиф Елмас влезе во игра по примениот гол и се вклопи во сивилото на својата екипа, а најубавата шанса за израмнување ја пропушти Осимен, кој од три метри со глава ја затресе само гредата од голот на Лацио.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА