Сезоната на Реал Мадрид дополнително се искомпликува откако денеска беше обелоденето дека капитенот Серхио Рамос ќе мора да замине на операција, по што ќе пропушти низа значајни натпревари на „кралевите“. Најдобриот дефанзивец на Реал веќе извесно време се мачеше со болка во коленото, а одлуката на Зидан да ризикува со негов настап во полуфиналето од Супер-купот на Шпанија против Атлетик Билбао се покажа како голема грешка.
Рамос го стартуваше мечот, но мораше да биде заменет на полувремето, а оттогаш воопшто не тренираше со остатокот од тимот. Последните прегледи покажале проблем со менискусот во коленото, поради што врз шпанскиот репрезентативец во текот на денешниот ден ќе биде извршен хируршки зафат, а паузата од терените ќе изнесува најмалку шест седмици.
Ова значи дека Рамос не само што ќе пропушти низа значајни натпревари во Ла Лига, туку нема да настапи ниту на осминафиналниот двомеч од ЛШ против Аталанта. Статистиката вели дека Реал загубил на осум од последните десет средби на кои Рамос не бил во составот, податоци што значително ги зголемуваат шансите на Аталанта на пресметките со најтрофејниот европски клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

