Проблемите на Тотенхем уште повеќе се зголемија откако „спарси“ конечно договорија скап трансфер за јануарскиот преоден рок, но истиот пропадна откако фудбалерот наспроти договорот меѓу клубовите одби да се пресели во тимот на тренерот Постекоглу.
Станува збор за Матис Тел, суперталентираниот напаѓач на Баерн Минхен кој пред два дена се збогуваше од фановите на баварскиот гигант, а вчера беше обелоденето дека е прифатена понудата од вкупно 60 милиони евра што Тотенхем ја испрати за 19-годишниот Французин. Даниел Леви денеска допатува во Минхен за да ги финализира преговорите, но првиот човек на „спарси“ наиде на ладен туш откако Тел во очи му соопштил дека нема намера да ја продолжи кариерата во Тотенхем.
Французинот за својата одлука ги известил и челниците на Баерн, кои сега ќе ги продолжат преговорите со останатите клубови што покажуваа интерес за голгетерот изминатиот период. Арсенал, Челси, Астон Вила и Манчестер Јунајтед се клубовите кои покажаа интерес за Тел, па големи се шансите овој млад и суперталентиран напаѓач сепак кариерата да ја продолжи во Премиер-лигата, но дефинитивно не во дресот на Тотенхем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА