Шок: „Ѕвезда“ на Барса ја заврши кариерата на 31-годишна возраст

Кошаркарска Европа денеска е во шок откако шпанскиот репрезентативец Алекс Абринес објави дека ја завршува професионалната кариера. Иако има само 31 година, одличниот шутер реши да каже збогум на кошарката. Тој на почетокот од месецот побара од управата да му даде време да донесе конечна одлука, се веруваше дека ќе мора да прифати помала плата за остане, но и дека ако тоа не се случи тој без проблем ќе најде нов евролигашки ангажман. Токму затоа, шокантна е неговата денешна објава дека кажува збогум на кошарката.

Тој ја почна кариерата во Уникаха, на 18-годишна возраст се пресели во Барселона, а имаше и авантура во НБА-лигата, како член на Оклахома Сити, од каде се врати назад во каталонскиот гигант.

„Драги навивачи, дојде времето за многу важен момент во мојот живот. По толку многу години минати во професионалната кошарка, ја донесов тешката одлука да се пензионирам. Не беше лесно, долго размислував, кошарта ми даде се, од моменти на слава до неочекувани порази, пријатели кои ми станаа семејство, неверојатни искуства, но најмногу од се, безусловна љубов од вас фановите. Сепак, дојде време да се каже збогум и да почнам да го живеам животот онака како што јас сакам“, објави Абринес.

Алекс Абринес беше капитен на Барса минатата сезона, а во неговата извонредна кариера останува запишано дека одигра 660 натпревари за овој тим, притоа освојувајќи 15 трофеи.

Се вчитува...