Фудбалскиот репрезентативец на Габон, Арон Боупенза загина на 28-годишна возраст по пад од 11-тиот кат од неговата станбена зграда во Кина, каде моментално настапуваше за кинескиот суперлигаш Жеџијанг.
Властите започнаа истрага поради сомнителноста на целиот случај, и падот на фудбалерот од неговата резиденција. Според извештаите, кинеската полиција разгледува три можни сценарија: самоубиство, несреќен пад и убиство.
Забележано е дека братот на Боупенза бил присутен во станот во моментот на инцидентот, а двајцата наводно биле вмешани во расправија. Инспекторите испитуваат дали расправијата можеби довела до туркање на напаѓачот. Се очекува неговиот брат да биде сослушан или приведен како дел од истрагата.
Боупенза претходно истиот ден го пропуштил последниот тренинг на неговиот тим без објаснување, а претставниците на ФК Жеџијанг изјавија дека не можеле да стапат во контакт со него пред да добијат вест за неговата смрт.
28-годишниот габонски напаѓач доби на популарност за време на неговиот престој во турски Хатајспор, каде постигна 22 гола на 36 натпревари во текот на сезоната 2020-21, со што ја понесе и титулата најдобар стрелец во турската Суперлига.
Во неговата кариера, тој играше и за Бордо, Ајачио, Феиренсе, Ал-Араби, Ал-Шабаб, Синсинати, Рапид Букурешт и од неодамна во кинески Жеџијанг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА