Притисокот врз Рубен Аморим е се поголем со секој нов неуспех на Манчестер Јунајтед во Премиер-лигата, но ретко кој очекуваше дека работите ќе отидат дотаму што Шон Дајш јавно ќе го критикува Португалецот велејќи дека тој би имал подобри резултати од него кога би ги водел „црвените ѓаволи“.
Манчестер Јунајтед се наоѓа на катастрофалното 16. место на премиерлигашката табела, а Аморим има победено на само 24% од натпреварите на кои го водел овој клуб. Дајш, кој е познат по ултра-дефанзивниот пристап со кој го водеше Барнли, а потоа и Евертон, е убеден дека тој би имал подобри резултати од Португалецот.
„Се е во ред, тој дојде среде сезона, но веќе мина подолг период како е во клубот, јасно е дека мора да почнува да победува. Хауард Вилкинсон своевремено имаше одлична поговорка за тренерите: Победувај, преживеј, успеј. Значи, прво треба да победуваш, па да преживееш, да останеш на клупата благодарение на тие победи, па дури на крајот да успееш затоа што си го поставил тимот на здрави темели. Суштината е да победуваш, а Рубен Аморим не го прави тоа во Јунајтед. Јас не кријам, отсекогаш сум сонувал да бидам менаџер на Манчестер Јунајтед, поради големината на клубот и сето она што го претставува во англискиот фудбал. Дали би бил поуспешен од Аморим? Верувам дека би бил, бидејќи кога тимот би играл во мојот стил, сигурно би победувал повеќе. Не би експериментирал многу, класични 4-4-2, базични принципи на игра, Јунајтед има доволно квалитетни играчи за тие принципи да ги претворат во победи и бодови“, изјави Дајш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

