Македонската кошаркарска репрезентација во последниот прозорец од квалификациите за Евробаскетот 2025 ја очекуваат тешки натпревари против незгодната Естонија и Полска.
За место на собирот на најдобрите европски кошаркарски репрезентации потребен ни е триумф во Талин и поволни резултати на другите натпревари, а во походот на Балтикот, за прв пат во овие квалификации селекторот Јончевски ќе може да смета на услугите на фантастичниот Ти-Џеј Шортс.
„Возбуден сум што повторно ќе бидам дел од нешто што е повеќе од еден тим, една држава. Потребна ни е помош, но ние ќе си ја завршиме задачата да ги добиеме овие натпревари против Естонија и Полска. Возбуден сум што ќе играм повторно за Македонија“, вели Шортс.
Бекот доаѓа на репрезентативниот повик во одлична форма. Со својот Париз прави чуда во Евролигата каде претендира за МВП на сезоната. Сепак останува скромен и лидерската улога му ја препишува на Нено Димитијевиќ.
„Каде и да сум, дали сум во Париз или тука, мојата цел е да помогнам за победа. Го познавам Нено, тој е лидер, јас ќе се обидам да се вклопам во тимот, да му олеснам нему, да помогнам и победиме“, додава тој.
На Шортс не му е непознат следниот противник, тој веќе беше дел од еден натпревар против Естонија па и самиот даде свое мислење за „рецептот за успех“.
„Естонија е млад, амбициозен тим кој беше на Евробаскетот па ќе ни треба добра енергија. Имаат поддршка од публиката, се сеќавам кога играв таму последен пат во дресот на Македонија. Ни беше тешко. Ќе треба да ја изедначиме енергијата, физикалноста, и мислам дека доколку го направиме тоа можеме таму да победиме“, заклучи Шортс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА