Се е подготвено за почетокот на новата сезона во Евролигата, која официјално ќе стартува со гостувањето на европскиот првак Панатинаикос против аутсајдерот Алба во Берлин, закажано за 18.45 часот. Грчкиот гигант предводен од Ергин Атаман оствари фантастичен успех освојувајќи ја титулата ланската сезона, а останува да се види дали „зелените“ ќе успеат да го повторат истото и да се задржат на тронот на кошаркарска Европа. Претседателот Јанакопулос не жалеше пари летово, доведени како клучни засилувања беа Лоренцо Браун и Џеди Осман, па ПАО дефинитивно повторно ќе биде еден од главните фаворити за трофејот.
Главен ривал барем на хартија би требало да му биде Олимпијакос, откако и „црвено-белите“ од Атина летово беа активни на пазарот, враќајќи ја клупската икона Везенков назад од НБА во своите редови, а потоа и доведувајќи го францускиот репрезентативец Еван Фурние во своите редови.
Македонија по неколку години пауза повторно ќе има свој претставник во елитното натпреварување, Ненад Димитријевиќ двете извонредни сезони во Уникс ги круниса со трансфер во Олимпија Милано, па македонскиот плејмејкер ќе биде еден од главните адути на тренерот Месина во борбата за влез во плејофот.
Партизан и Црвена Звезда и во новата сезона ќе бидат дел од елитното друштво, „црно-белите“ направија преседан со целосен ремонт во играчкиот кадар (остана само третиот центар Копривица, сите други си заминаа), додека Звезда дополнително се засили со Мекинтаер, Даум, но и со враќањето на своите поранешни играчи Добриќ и Калиниќ.
Шоуто може да почне, а една работа е загарантирана – од вечерва па се до крајот на мај ќе може да следиме врвна кошарка од големите мајстори на оваа игра на терените ширум Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА