Со дуелот меѓу Шпанија и Бугарија во Тбилиси и официјално ќе биде означен стартот на Европското првенство во кошарка што ќе се одржува во четири различни држави (Чешка, Грузија, Италија и Германија). Овој Евробаскет важи за најсилен на сите времиња, ако се земат во предвид ростерите на селекциите исполнети со „ѕвезди“, како од Евролигата, така и од НБА.
Словенија ќе ја има улогата на бранител на трофејот, но прашање е колку сензационалните победници од последниот Евробаскет ќе успеат да одговорат на големиот предизвик. Лука Дончиќ е нивни главен адут, со искуството голема помош ќе има и од Горан Драгиќ, но главен проблем на Словенците е што имаат одлична петорка, но и лимитирана клупа, што може да се покаже како сериозен фактор во битката за тронот.
Никола Јокиќ, кој е МВП на НБА-лигата во претходните две сезони, ќе ја предводи Србија на европскиот шампионат. Нашиот северен сосед има квалитетен ростер, но и проблеми поради неиграњето на асови како Богдановиќ и Бјелица.
Од останатите „ѕвезди“, Адетокумбо ќе биде лидер на Грција, Гобер и Фурние повторно се главни адути на Франција, охриѓанецот Џеди Осман e предводник на Турција, Сабонис и Валанчиунас ќе доминираат под обрачите за Литванија, Шариќ и Хезоња со Хрватска ќе се обидат да ги изненадат ривалите…
Шоуто може да почне, а едно е повеќе од сигурно… од денеска до 18 септември ќе може да се проследи извонредна кошарка…
ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА
Шпанија – Бугарија 13.30
БиХ – Унгарија 14.30
Турција – Црна Гора 16.15
Словенија – Литванија 17.15
Белгија – Грузија 19.00
Франција – Германија 2.30
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

