Шоуто наречено Евролига може да почне: Сите сонуваат за круната на Фенербахче

Со денешниот дуел од 18 часот меѓу дебитантот Дубаи и АБА-шампионот Партизан и официјално ќе биде означен стартот на новата сезона во Евролигата, историска како прва во која ќе учествуваат 18 клубови.

Дубаи и Хапоел се дебитанти во ова натпреварување додека Валенсија се врати назад во елитното друштво, како дел од најквалитетната евролигашка сезона во која најмалку пет-шест екипи влегуваат со реални шанси да се искачат на врвот на кој од крајот на мај се наоѓа Фенербахче.

Турскиот гигант во меѓувреме остана без МВП-кошаркарот од Ф4, Марко Гудуриќ се пресели во Милано, додека најдобриот играч на Фенер од последните години, Најџел Хејс-Дејвис, замина во НБА-лигата.

АБА-лигашите Партизан и Црвена Звезда имаат зацртана цел – влез во плејофот, додека највисоки шампионски амбиции имаат грчките гиганти Панатинаикос (сега засилен и со Ти-Џеј Шортс) и Олимпијакос (предводен од Везенков), како и Реал Мадрид, европскиот вицепрвак Монако, потоа Анадолу Ефес со новиот тренер Игор Кокошков на клупата…

Шоуто може да почне, а нема никаков сомнеж дека ќе уживаме во врвна кошарка, од денеска па се до 24 мај 2026 година за кога е закажано големото финале на фајналфор турнирот што ќе се одржи во Атина.

ДВОЈКИ ЗА 1. КОЛО:

Дубаи – Партизан, Ефес – Макаби (се игра во Подгорица), Хапоел – Барселона, Панатинаикос – Баерн, Виртус Болоња – Реал М., Ц. Звезда – Милано, Басконија – Олимпијакос, Фенербахче – Париз, Монако – Жалгирис, Асвел – Валенсија.

Се вчитува...