Македонија вечерва го игра својот историски прв натпревар на европските првенства, а ждребот не им беше наклонет на нашите фудбалски херои, па стартот на оваа авантура го имаат против фаворизираната Шпанија. Не е тајна дека Македонија е аутсајдер на овој дуел, но Боби Милевски и неговите избраници веќе покажаа дека одлично се снаоѓаат во оваа улога, и дека кога најмалку се очекува знаат да ги изненадат најголемите европски селекции.
Тоа на своја кожа најдобро го почувствуваа младите фудбалери на Франција, кои на двете средби со Македонија останаа без победа, па на крајот и не обезбедија пласман на овој европски шампионат.
„Црвено-жолтите“ одиграа фантастично прво полувреме во кое со погодоците на Ангелов и Радески поведоа со 2-0. Македонија од 58. минута имаше и играч повеќе по исклучувањето на Спарања, но Македонија во најслабите 30 минути од овие квалификации му дозволи на противникот и во таква ситуација да се врати и да стигне до израмнување со головите на Халер и на Нкуду. На мечот во Скопје за „триколорите“ настапија асот на ПСЖ, Рабио, како и Толисо, кој летово се пресели од Лион во Баерн Минхен во трансфер вреден 40 милиони евра.
Вториот натпревар го одигравме во Ле Ман, и таму Франција беше голем фаворит, но и таму Македонија одигра фантастичен меч и заслужена остана непоразена. „Црвено-жолтите“ први поведоа со голот на Ангелов, а „триколорите“ стигнаа до бод благодарение на автоголот на Бејтулаи.
За оваа средба Французите беа посилни и за суперталентираниот Дембеле од Борусија Дортмунд, како и Лемар и Бакајоко од Монако, но ниту тие не успеаја да го скршат отпорот на македонските фудбалски херои.
Овие две средби нека бидат доказ дека Македонија знае како треба – со храбра игра да им покаже заби на фаворитите. Кога можеше да остане непоразена во 180 минути против моќната Франција, зошто тоа да не биде случај и вечерва во Гдиња против Шпанија.
Кој не верува, нека ги праша „триколорите“, зошто го гледаат ова Европско Првенство на ТВ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА