Шпанската кошаркарска репрезентација во второто коло од Евробаскет 2025 стигна до својата прва победа, славејќи рутински над селекцијата на БиХ со резултат 88-67. „Црвената фурија“ ја научи лекцијата од шокантниот пораз од Грузија на стартот, одигра максимално фокусирано во текот на сите 40 минути и лесно стигна до посакуваната победа.
Триумфот беше осигуран во првото полувреме што Шпанците го добија со 44-30, потоа дополнително зголемувајќи ја предноста во третата четвртина, за во последните десет минути само рутински да го контролираат и темпото на игра и резултатот.
Алдама ги предводеше стрелците во победничката селекција со 19 поени, 16 постигна центарот Вили Хернангомез, додека прв стрелец на БиХ во овој пораз беше Камењаш со 14 поени, единствениот со двоцифрен ефект во поразената репрезентација.
Турција одигра уште еден одличен меч, демолирајќи ја селекцијата на Португалија со преубедливи 95-54. Португалците како да се истрошија при синоќешниот пораз од фаворизираната Србија, па вечерва одиграа под своите можности, што беше искористено од избраниците на Ергин Атаман кои стигнаа до третата победа во низа од стартот на овој европски шампионат.
Единаесет различни турски кошаркари се запишаа меѓу стрелците, а најефикасни беа Шенгун со 20 и Јурцевен и Коркмаз со по 14 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

