Кошаркарската репрезентација на Шпанија ја совлада Турција со 69-72 во натпревар од последното коло од А групата во Грузија на Европското првенство 2022 година. Со овој триумф избраниците на Серџо Скариоло го освоија првото место во А сегментот.
Натпреварот започна во егал игра на двете репрезентации, а по десет минути игра Турците имаа минимална предност од 18-17. Шпанците заиграа за нијанса подобро во вториот период што доведе до водство на полувреме за „црвената-фурија“ од 34-38.
Шпанија успеа да ја исконтролира и третата четвртина и по 30 минути игра да замине со највисоките плус шест 50-56. Избраниците на Атаман заиграа подобро во последниот период и во последните пет минути успеаја да влезат со негатива од само еден поен 63-64. Натпреварот влезе во неизвесна завршница во која подобро се снајдоа Шпанците за конечен триумф од 69-72.
Вили Хернангомез со 15 поени беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените недоволни беа 20 поени на Чеди Осман.
Со оваа победа Шпанија го осигура првото место во А групата, додека Турција нокаут фазата ќе ја дочека како второпласирана.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

