Само едно врвно полувреме им беше доволно на ракометарите на Шпанија за да слават над Исланд (27-21) и со триумф да го стартуваат настапот на овој светски шампионат. Исланѓаните и без Арон Палмарсон во своите редови успеаја да одиграат фантастични 30 минути, што сепак беше недоволно за позитивен резултат против моќен ривал како што е „црвената фурија“, дури и без капитенот Ентрериос.
Шпанците делуваа „заспано“ на стартот од натпреварот, а Исланѓаните знаеја како да го искористат тоа. Островската селекција набрзина поведе, а потоа го контролираше водството се до самиот крај на полувремето. На одмор се замина со резултат 12-10 со Исланд, пред се благодарение на извонредниот голман Густавсон, кој за 30 минути игра имаше девет интервенции, меѓу нив и три одбранети пенали.
Уште на стартот од второто полувреме стана очигледно дека Шпанците многу посериозно влегоа во остатокот од мечот. Перез де Варгас нанижа три интервенции во првите две минути, одбраната на „фуријата“ уште повеќе доби на цврстина, па набрзина следеше и пресвртот. Откако во 37. минута Исланд водеше со 13-15, оваа селекција цели десет минути не успеа да постигне гол, а Шпанија со серија од 5-0 го реши прашањето на победникот. „Црвената фурија“ искусно ја одржа предноста се до самиот крај, за конечен триумф од 27-21 на стартот на овој мундијал.
Балагуер со четири гола од исто толку обиди беше главна фигура кај Шпанија, а исто толку погодоци, но од седум шутеви, постигна Канелјас. Кај Исланд најефикасен беше Сигурдсон со пет гола. Перез де Варгас имаше 11 одбрани на голот на Шпанија, наспроти 13 на Густавсон.
Исланд во првиот натпревар што ќе биде на програмата в сабота (14.45 часот) ќе се сретне со Словенија, по што Шпанија ќе ги одмери силите со Тунис (17.45 часот). Третиот натпревар в сабота е оној најважниот за нас, во кој Македонија ќе брка победа против Ангола што би ги одвела „црвено-жолтите“ на чекор до осминафинале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА