Ракометарите на Шпанија славеа над Норвешка во трилер натпревар по продолженија со 35-34 во четвртфиналето на Светското првенство во Полска и Шведска.
Норвежаните подобро го отворија натпреварот и на самиот старт стигнаа до плус четири (6-2). Сепак, како одминуваше првото полувреме така Шпанците играа се подобро, па на пауза заминаа со негатива од само еден гол 13-12. Второто полувреме продолжи во егал игра на двете страни, а со голот на Данил Дујшебаев во последните пет минути се влезе со реми 24-24. Следуваше гол на Норвежаните за 25-24, а во следниот напад Шпанците го промашија својот четврти пенал на натпреварот, а Норвешка со играч помалку тргна во напад за плус два. Норвежаните не успеаја да реализираат, а Шпанија тргна во напад за продолженија на педесет секунди до крајот на мечот. Поранешниот миленик на „вардарци“ Алекс Дујшебаев не го искористи следниот напад, но по грешката на О’Саливен, Данил Дујшебаев успеа да реализира со звукот на сирената и да го одведе мечот во продолженија (25-25).
По првите пет минути од продолженијата двете репрезентации постигнаа по два гола, па резултатот на семафорот изнесуваше (27-27). Во второто продолжение повторно доминираа двајцата голмани, а резултатот повторно беше нерешен (29-29), па следуваа нови десет дополнителни минути. Во вторите дополнителни десет минути се играше во егал се до последната минута кога Данил Дујшебаев постигна гол за водство од 35-34, а Де Варгас успеа да одбрани еден на еден за големо славје на Шпанците.
Втор полуфиналист на Светското првенство е Данска која ја оправда фаворитската улога против Унгарија совладувајќи ја со убедливи 40-23. Данците уште од самиот старт почнаа фуриозно и за едно полувреме успеаја на противникот да му дадат дваесет и еден погодок и на пауза да заминат со огромни плус девет (21-12). Во вториот дел само рутински го приведоа мечот до самиот крај за конечни 40-23. Матијас Гидсел со девет погодоци беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените Бодо постигна шест.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА