Шпанија вечерва го игра своето петто финале на европските ракометни шампионати, во обид „црвената фурија“ да стигне до својата прва титула на континенталните собири. За дел од шпанските ракометари ова е одлична можност за обединување на двете европски круни, откако пред половина година како членови на Вардар стигнаа до титулата на клупски план, а сега имаат можност истото да го повторат и на репрезентативно ниво.
Жоан Кањељас игра значајна улога во одбраната на Шпанците, тој крај себе го има и Арпад Штербик, а дел од шпанскиот состав е и Алекс Душебајев, кој по историскиот успех со Вардар се пресели во полскиот првак Кјелце.
„Тоа е медал што ни недостига и сигурно ќе сториме се што можеме за да го освоиме. Шансите се 50-50, но доколку одиграме како против Франција во полуфиналето, ќе бидеме чекор поблизу до златото“ – истакнува Душебајев во пресрет на вечерашното финале.
Кањељас е свесен за големината на предизвикот што стои пред „црвената фурија“.
„Во главната се уште ни се врти поразот од последното финале, никој од нас не сака повторно да го има тоа чувство на крајот од натпреварот. Во ЛШ победивме иако важевме за аутсајдери, сега во ова финале нема фаворити и аутсајдери, само два тима желни за златен медал“ – бекот на Вардар и на шпанската репрезентација.
Арпад Штербик ја донесе Шпанија до врвот на светскиот ракомет на мундијалот во 2013 година, но искусниот голман сега би сакал трофеј и на европските шампионати со оваа репрезентација.
“Одигравме два перфектни натпревари против Германија и Франција. Она што ме загрижува е што е речиси невозможно да се одржи тоа ниво на три меча во низа, против три исклучително силни ривали, но ние ќе сториме се за да стигнеме до медал“ – реален е Штербик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА